Четирикратниот Формула 1 првак, Макс Ферстапен, на три и пол недели до почетокот на новата сезона ги критикуваше карактеристиките на новите болиди бидејќи според него не може да се вози со полна моќност цел круг.
Тимовите моментно тестираат во Бахреин.
„Искрено, не е многу забавно да се вози. Знам дека е вложен огромен напор, вклучително и луѓето што го градат моторот, па затоа не е убаво да се каже ова. Но, мора да бидам реален, чувството не е како во Формула 1. Делува како Формула Е на стероиди. Правилата се исти за сите, но како возач уживам во возењето со полна моќност, а во моментов тоа не е можно“, рече Холанѓанецот.
Макс го пофали барем естетскиот дел, но само тоа.
„Ми се допаѓа дизајнот, автомобилот изгледа одлично, а пропорциите се добри, тоа не е проблем. Но, сè друго е премногу против тркањето. Го кажувам она што го мислам, не можам да се воздржам. Не ме интересира дали автомобилот оди 350 или 300 километри на час, сакам да возам нормално, како што треба, без да морам да сопирам малку порано. Ова е голем чекор назад во споредба со она што го имавме“, додава разочараниот пилот на Ред Бул.

