Трката на легендарната патека „Спа Франкошамп“ за големата награда на Белгија доцнеше 80 минути поради врнежливото време, а стартот беше од боксот и зад безбедносното возило, па класичното престикнување беше дозволено дури по четвртиот круг.
Голем дел од возачите не беа задоволни од одложувањето, а еден од нив беше и актуелниот светски шампион, Макс Ферстапен.
„Ова е малку глупо, мислам дека требаше да нѐ пуштат да возиме неколку круга. Премногу се внимателни, сега доаѓа силен дожд и треба да чекаме три часа. Во три часот можевме да започнеме, воопшто не врнеше. Помеѓу првиот и петтиот свиок имаше вода, но ако возевме два или три круга зад безбедносниот автомобил, тоа ќе се расчистеше. Штета, ова нема смисла. Подобро нека кажат дека чекаме да биде потполно суво, па да почнеме со гуми за суво бидејќи ова не е вистинско тркање по дожд. Вакви класични трки по дожд веќе никогаш нема да гледаме. Дождот кој подоцна врнеше беше поднослив, мислам дека можевме да возиме. Ваквите одлуки ја уништија трката“, вели Ферстапен.