Во Ред Бул се лутат: наместо правила, се покажа дека Формула 1 е пазар!

Само вторпат во историјата на Формула 1, првпат по 1974 година, за титулата ќе се решава на последната трка во годината, во која двајца влегуваат со еднаков број бодови.

Макс Ферстапен и Луис Хамилтон в недела во Абу Даби ќе водат голема битка за победа, а тој што ќе биде подобропласиран, ќе ја освои титулата. Хамилтон има серија од три победи по ред и можеби е благ фаворит, но ако ниту еден од нив не ја заврши трката во Абу Даби, првак ќе биде Холанѓанецот кој има една победа повеќе во 2021.

Дали во Ред Бул ќе го советуваат Ферстапен да го удри Мерцедесот на Хамилтон и да го исфрли седумкратниот шампион од трката, останува да се види за шест дена. И тоа сценарио не е исклучено, особено што односите им се максимално заострени.

Ферстапен сам е виновен што не беше на пол-позиција, а на вчерашната хаотична трка во Саудиска Арабија доби неколку казни. Од неговиот тим рекоа дека казните во Формула 1 не се засноваат на правила, туку како на пазар.

„За жал, повеќе се зборува за казни отколку за Формула 1, и тоа е срамно. Немам исто мислење како стјуардите“, изјави Ферстапен, кој не сакаше да прославува на подиумот и не му честиташе на Хамилтон.

- Оглас -

Најнови вести