8.8 C
Skopje
петок, 5 декември 2025

Ферстапен: Нема да плачам ако не ја освојам титулата

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, пред претстојната трка за Големата награда на Абу Даби, која ќе го одреди првакот за сезоната 2025, рече дека нема премногу да тагува ако не го одбрани тронот.

На Макс в недела победата може да не му биде доволна за титула, најмногу зависи што ќе направи актуелниот лидер во генералниот пласман Ландо Норис.

„Ако не ја освојам титулата, нема да плачам во аголот. Не е важно дали ќе завршиме први, втори или трети. Знам дека навистина имав добра сезона. Тоа што сум во борбата за шампионатот е веќе бонус. Дури и да изгубиме, нема да биде штета бидејќи заостанувавме. Генерално, не бевме најбрзиот тим“, рече Ферстапен.

Холанѓанецот заостанува 12 поени зад Норис, а во трка за титулата е и Оскар Пјастри, кој има 16 поени помалку од тимскиот колега.

Сепак, од Мекларен најавија дека ако треба, ќе наметнат и тимски наредби за да ја обезбедат титулата меѓу возачите во Формула 1.

„Сакаме да ја освоиме титулата кај возачите. Ако за време на трката биде јасно дека едниот возач има шанса, а другиот нема, ќе направиме сè што е потребно за да ја освоиме титулата. Би било лудо да не го сториме тоа“, рече Браун.

На Норис му треба да заврши на подиумот, а Ферстапен и Пјастри за да имаат шанса, мора да бидат први или втори и Норис да не биде на подиум.

- Оглас -

Најнови вести