Пилотот на Ред Бул, Макс Ферстапен, вечерва може да ја освои својата прва шампионска титула во Формула 1, и тоа ќе се случи ако на патеката во Џеда во Саудиска Арабија, освои 18 поени повеќе од конкурентот и бранител на титулата, Луис Хамилтон од Мерцедес.
Но, неизвесноста околу титулата е толку голема на две трки до крајот, што ако победи Хамилтон, а ќе биде на пол-позиција, Британецот може да го преземе водството во генералниот пласман на една трка до крајот, па во Абу Даби ќе се решава кој ќе биде првак.
Притисокот врз Ферстапен е голем, тој вчера киксираше во квалификациите, и наместо да биде прв, бидејќи имаше предност до пред да удри во оградата, ќе стартува како трети. Сепак, тој е оптимист дека на трката неговиот болид ќе биде конкурентен.
За да биде шампион уште вечер, Ферстапен треба да победи со најбрз круг, а Хамилтон да биде шести, може и обична победа, но Хамилтон да биде седми или послаб, а и второто место може да му донесе титула на Макс, ако Луис не освои поен.
Хамилтон победи на претходните две трки, и истотака има причини за оптимизам дека може да му ја „украде“ титулата на Холанѓанецот.