По изјавата на Себастијан Фетел дека би прифатил понуда од Ред Бул доколку овој тим на Формула 1 повторно би сакал да го врати четирикратниот првак во своите редови, студен туш дојде од Макс Ферстапен. Холанѓанецот, кој е главен пилот на Црвените бикови, смета дека Ред Бул нема потреба од промена на тандемот за следната сезона.
Фетел по завршувањето на сезонава, си оди од Ферари, но неизвесно е каде ќе се пресели бидејќи во сите тимови местата се пополнети со по двајца пилоти. Тој нема ништо против да се врати во Ред Бул, но времето ќе покаже дали од австрискиот тим сакаат да го ангажираат.
„Не сакам да го нападнам Себастијан на каков било начин, но мислам дека тимот е задоволен од мене и од Александер Албон, а и јас сум задоволен од Алекс како мој партнер во тимот. Брз е, добро ги разбира поставките на болидот, добро момче е, работи за доброто на тимот. Мислам дека Ред Бул нема потреба да ја менува композицијата, но одлуката не ја носам јас“, рече Ферстапен, кој има договор до 2023 година.