„Фешта“ во режија на одбојкарите : Срце на теренот и мерак на душата  (Фото)

Одбојкарската репрезентација на Македонија со триумфот над Данска го започна настапот на Европското првенство кое се игра во четири земји, а токму Скопје е еден од домаќин на групите.

Македонија по третпат е организатор на Европско првенство, првиот пат беше во 2008 година, кога Македонија го организираше женското ЕП, а минатата година Македонија по вторпат беше коорганизатор на женското ЕП заедно со Словенија и Црна Гора.

Овојпат одбојкарите ја добија довербата и натпреварите во групата Ц се играат во СЦ „Борис Трајковски“, а избраниците на селекторот Јошко Миленковски на најдобар можен начин го започнаа настапот, ја совладаа Данска со 3-1 во сетови.

Одбојкарите го оставија срцето на теренот, нивната игра ги фрли во транс македонските навивачи, и тие што беа во СЦ „Борис Трајковски“ и тие што го следеа мечот пред малите екрани. Изјавата на Александар Љафтов најдобро го отсликува тоа што се случуваше на теренот.

„Имавме многу анализи за нив, гледавме многу статистики за противникот, гледавме многу нивни натпревари, но не одлучи ништо од тоа. Одлучи душата, одлучи желбата, одлучи поддршката од навивачите, одлучи срцето. Залудни се сите анализи ако се нема срце“.

Одбојкарите кои во минатото беа нарекувани Спартанци бидејќи знаеја да пропатуваат по неколку илјади километри со автобус само за да го носат националниот дрес, во првиот, историски настап на ЕП пред своите гледачи, го потврдија тоа што одамна сите го знаат, дека не се Спартанци, туку дека се вистински „лавови“ кои ја заслужуваат поддршката од цела нација и затоа в сабота сите во сала.

- Оглас -

Најнови вести