ФФМ преку официјалниот фејсбук-профил се огласи околу испадот на Марко Арнаутовиќ, австрискиот репрезентативец кој вчера го навреди Езѓан Алиоски во дуелот од првото коло на ЕП.
Арнаутовиќ го постигна голот за водство од 3-1 на Австрија во финишот од средбата, по што се сврте кон Џани и го навредуваше на националистичка основа. Од ФФМ го осудуваат потегот и бараат УЕФА да му додели најстрога казна на Арнаутовиќ.
„Фудбалската федерација на Мaкeдонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ по постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ.
Како Куќа на фудбалот секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, стои во соопштението на ФФМ.