Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, денеска им ги врачи билетите за Европското првенство на вработените од клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби кои организирано ќе ги следат натпреварите на Македонија.
Нашата Куќа на фудбалот веќе им даде предност на здравствените работници кои аплицираа за купување билети за ЕП преку ФФМ, а дополнително, на медицинскиот персонал преку Министерството за здравство ќе им овозможи влезници за натпреварите на Македонија на ЕВРО 2020.
„Изминатите речиси две години, едноставно, живеевме во време и моменти кои нè потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и трудот што го вложуваат за да нѐ заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности”, посочи Сејдини.
„Голем е гестот на ФФМ. Почит од сите нас. Благодарни сме на Федерацијата, како и за поддршката која фудбалерите и спортистите ја искажуваа за здравствените работници во изминатиот период. Дел од вработените во нашата клиника организирано ќе патуваат во Букурешт и со цело срце ќе ја бодрат македонската репрезентација. Ова е начин и ние да возвратиме на поддршката која нас ни ја даваа фудбалерите во искчлучително тешкиот период за сите“, истакна Габриела Темелковска – главна сестра на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби.
Рисовите ќе дебитираат на 13 јуни против Австрија, а три дена подоцна, исто во Букурешт, ќе ги одмерат силите против Украина. Мечот од третото коло против Холандија е предвиден за 21 јуни и како што е веќе познато, ќе се игра во Амстердам, на „Јохан Кројф арената“.