Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука Драган Канатларовски – Цапар да биде назначен за селектор на македонската репрезентација во младински категории. Прославеното име на македонскиот фудбал ќе ја предводи македонската репрезентација до 15 години.
„После 12 години се враќам во македонскиот фудбал и среќен сум што заеднички со луѓето од Федерацијата имаме прилика да дадеме придонес во развојот на еден од најбитните сегменти од фудбалот, а тоа е младинскиот фудбал и неговиот напредок. Можеби за некои моето назначување за селектор на македонската репрезентација до 15 години е изненадувачки, но сите кои ме познаваат, знаат дека јас сум во фудбалот поради фудбалот, а не заради функциите. Желба ми беше да имам своја академија каде што ќе можам да го пренесам знаењето на младите фудбалери, а овој чекор во мојата кариера е предизвик и за мене да се потрудиме да постигнеме едно повисоко ниво во работата со младите категории“, изјави Канатларовски.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, му посака добредојде дома на Цапар во „Куќа на фудбалот“ и му посака плодна работа со младите категории.
Канатларовски како играч, освои титули во југословенското првенство со Вардар и Црвена ѕвезда, со Вардар освои титула и во македонското првенство, а беше на чело и на сениорската репрезентација на Македонија во два наврата. Националниот тим го водеше на 39 средби.