Турскиот интернационалец Алпер Потук, кој беше капитен на ФК Гостивар, нема да ја отслужи двегодишната суспензија која му беше изречена од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Потук преку социјалните мрежи објави дека Арбитражната комисија на ФФМ ја уважила неговата жалба и ја поништила казната, која му беше изречена по напуштањето на теренот на мечот против Работнички.
„Правдата победи. Благодарен сум што беа разгледани сите околности и што мојата кариера ќе може да продолжи“, напиша Потук на Инстаграм.
И покрај поништувањето на индивидуалната санкција, клубот Гостивар останува со најтешката казна – исклучување од Првата македонска фудбалска лига и преселба во најнизок ранг по инцидентите во истиот натпревар.
Потук, кој има богата фудбалска кариера зад себе со настапи за екипи како Фенербахче и Анкарагучу, сега е слободен да продолжи со играчката кариера во друг клуб, без рестрикции од ФФМ.