ФФМ ќе даде премија од 100.000 евра за победата над Ерменија !?

Македонската фудбалска репрезентација со 2:0 ја победи Ерменија во меч од второто коло во Лигата на нациите и речиси по една година ги израдува нашите навивачи. Секој триумф на националниот тим е за поздравување, посебно затоа што во последните три години успесите може да ги избориме на прстите на една рака.

Добро е што победивме, и тоа за враќање на самодовербата кај фудбалерите, за подобрување на атмосферата кај навивачите и да останеме во борба за првото место во групата од Лигата на нациите, позиција која може да ни донесе надеж за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Ако се погледне рејтингот на Македонија и на Ерменија, каде што нашата селекција е за 25 позиции подобропласирана, ако се знае дека имаме позитивен биланс во дуелите со овој ривал и дека синоќа игравме на домашен терен, повеќе од очекувано беше да славиме.

Затоа малку чудно и неверојатно делуваат најавите дека Фудбалската федерација на Македонија подготвила премија за играчите од 100.000 евра за резултатите во првите две кола.

Македонија прво одигра разочарувачко реми 1:1 на гости кај Фарски Острови, а синоќа славеше со 2:0 над Ерменија. Тоа значи дека беа освоени четири бода против овие ривали, кои се многу послаби од нашата.

Точно пред една година, репрезентативците добија премија од 100.000 евра за освоени четири бода, но тогаш одигравме 1:1 против тогашниот европски првак Италија, а потоа со 2:0 славевме над Малта на гости.
Една година подоцна, премијата треба да биде иста за 4 освоени бода, но во дуели со Фарски Острови и Ерменија во рамките од Сегментот Ц на Лигата на нациите.

- Оглас -

Најнови вести