Веста која вчера се појави во српските медиуми, дека Фудбалската федерација на Македонија наскоро може да добие нов селектор во Миоград „Гроф“ Божовиќ, денеска има продолжение, и тоа од медиум од татковината на тренерот.
Иако Фудбалската федерација на Македонија засега не се огласува во јавноста, црногорски „Вијести“ денеска пишува дека Божовиќ преговара да го наследи Благоја Милевски на селекторското столче.
Македонската јавност како и навивачите по јунските мечеви од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година бараа Милевски да ја преземе одговорноста и да си поднесе оставка. Во јуни Македонија го доживеа најтешкиот пораз во историјата на репрезентацијата, од Англија со 7:0, а неколку дена претходно загуби од Украина во Скопје од 2:3 иако Црвено-жолтите имаа водство од 2:0.
Милевски тогаш само призна дека сноси вина за поразите, додека ФФМ остана тивка по барањата на јавноста и навивачите.
Божовиќ во дводецениската тренерска кариера има водено екипи како Будуќност, Амкар, ФК Москва, Динамо Москва, Ростов, Локомотив Москва, Црвена звезда, Крилја Советов, а последен клуб во којшто беше тренер беше Арсенал Тула.