11.8 C
Skopje
вторник, 24 февруари 2026

ФФМ објави документи од УЕФА поврзани со наводни „наместени“ натпревари во Македонија (Фото)

Во врска со информациите кои беа пласирани во дел од медиумите, а се однесуваат на истрага за наместени натпревари на домашни клубови, како и во однос на прашањата доставени до Фудбалската федерација на Македонија, информираме дека во насока на целосна транспарентност и со цел објективно информирање на јавноста, ги споделуваме дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА.

Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.

Напоменуваме дека во објавените документи одредени чувствителни информации се соодветно заштитени (покриени), исклучиво во интерес на истрагата и согласно насоките на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во овој момент би можело да им наштети на тековните постапки.

Фудбалската федерација на Македонија тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамките на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.

Истовремено, потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување.

Во моментов постојат индиции и за уште неколку натпревари, меѓу нив и мечот ФК Башкими – ФК Вардар Неготино од Втората МФЛ од сезоната 2025 одигран на 24 март, но поради чувствителноста на процесот и во интерес на истрагата, дополнителни информации ќе бидат споделени со јавноста кога предметите ќе бидат во понапредна фаза.

Во врска со натпреварот ФК Кожуф – ФК Башкими, како што е веќе познато, тој е во судска постапка. Од тие причини, во интерес на истрагата не сме во можност да споделуваме какви било информации.

ФФМ останува целосно посветена на заштита на интегритетот на натпреварувањето и ќе продолжи со активна соработка со сите релевантни чинители во борбата против сите форми на нерегуларности во фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести