ФФМ одржа работен состанок со клубовите за имплементација на ВАР-системот

Проектниот тим во Фудбалската федерација на Македонија за имплементација на ВАР-систем во Првата МФЛ одржа работен состанок со претставници од клубовите назначени како ВАР референтни лица. На состанокот беше презентирана целокупната процедура за имплементација на ВАР-системот, како и обврските кои ги преземаат клубовите за успешно интегрирање на технологијата.

Претставниците на клубовите беа запознаени со техничките барања кои се неопходни за функционирање на ВАР, меѓу кои се: поставување платформи за ВАР камери, обезбедување приклучоци за електрична енергија и интернет-конекција, олеснет пристап за репортажни возила и друга логистичка поддршка.

ФФМ ќе изврши теренски посети на стадионите на сите прволигашки клубови со цел дефинирање на барањата на секој од клубовите и кординација за навремена адаптација кон ВАР-стандардите.

На состанокот присуствуваше и Александра Терзиски, претставничка на клубовите Брера и Беласица, која ја поздрави иницијативата и потенцираше:

Од страна на ФФМ детално ни беше претставено и презентирано што треба да се исполни за навремено и согласно стандардите на ФИФА да исполнат клубовите за имплементација на ВАР-системот во МФЛ. Проектот е голем чекор за фудбалот во нашата држава и сметам дека со ВАР ќе се подобри квалитетот на фудбалот, што е во интерес како на клубовите така и на ФФМ. Како клубови ќе дадеме сè од себе да функционира најдобро што може и се надеваме дека релативно брзо ќе се адаптираме на процесот“.

Своја изјава даде и претставникот на ФК Шкендија, Дритан Муслиу.

Ви честитам за состанокот и организацијата, како и за започнувањето на имплементацијата на ВАР-системот. Вашите идеи, сугестии и професионален пристап придонесоа за квалитетна дискусија и зацврстување на насоките за понатамошна реализација на проектот. Со заеднички напори веруваме дека успешно ќе го имплементираме системот согласност највисоките стандарди.

Имплементацијата на ВАР е дел од стратешките активности на ФФМ за подобрување на фудбалската инфраструктура и унапредување на регуларноста и ферплејот во натпреварите. Процесот се реализира во партнерство со меѓународни експерти и согласно највисоките стандарди на ФИФА и УЕФА.

- Оглас -

Најнови вести