Фудбалската Федерација на Македонија упати јавна благодарност до сите навивачи, љубители на фудбалот кои беа присутни на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје за натпреварите со Полска и Австрија.
„Ви благодариме што во толкав број покажавте како се сака и се бодри нашата репрезентација со срце и во победите, но и во поразите. Искрена благодарност и до сите служби кои беа вклучени во беспрекорната организација на натпреварите. Особена благодарност до Министерството за внатрешни работи и службите на Националната арена. Сите оценки од страна на УЕФА укажуваат на тоа дека ние како држава сме подготвени на највисоко ниво да организираме натпревари оценети како висок ризик и со тоа да бидеме пример за останатите земји и федерации во регионот и во Европа. Се надеваме дека и во иднина ќе ја имаме поддршката и од вас, навивачите, и од службите кои беа дел од тимот на организација на натпреварите, дека ќе покажеме сплотеност на теренот, но и надвор од него – обединети во радоста која ја носи фудбалот!“, стои во соопштението на ФФМ.