Експресна реакција пристигна од Фудбалската федерација на Македонија по скандалозната завршница на дуелот меѓу Кожуф и Башкими во Втората лига на Македонија. Кожуф водеше со 1:0 на полувремето, а Башкими славеше со 2:1 на крајот. Гостите погодокот за победа го постигнаа во 90+4 минута, а домашните фудбалери на Кожуф делуваа како да стојат на теренот без да имаат желба да се одбранат.
Во целост ви ја пренесуваме реакцијата од ФФМ:
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со длабоко разочарување и огорченост го следеше натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими од Втората МФЛ.
Сцените што сите ги видовме на теренот и однесувањето на поединци претставуваат директна навреда за фудбалот, за ферплејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот.
Она што го видовме е срамно и неприфатливо.
Ова раководство на ФФМ нема да дозволи ваквите појави да станат норма, ниту да поминат без последици.
Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност.
Нема да има заштитени – секој што со своето однесување го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност.
Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари во кои резултатите се одлучуваат на теренот, а не зад кулисите.
ФФМ останува цврсто определена да стави крај на нечесните практики и да го врати достоинството на македонскиот фудбал.
Време е конечно да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал.
Во соработка со МВР и со надлежните институции ќе преземеме сè што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог“.