Општинскиот фудбалски сојуз Кичево преку претседателот во оставка Марјан Ристевски, достави покана до Фудбалската федерација на Македонија за одржување на вонредно изборно собрание на ОФС Кичево, закажано за 23 јануари 2026 во 18:00 часот, во „Куќата на уметноста” во кичевско Кнежино.
Овластени претставници на Фудбалската федерација на Македонија навремено беа присутни на закажаното собрание. Сепак, тоа не се одржа поради немање кворум за работа и одлучување.
Дополнително, на закажаното собрание не се појавија ниту неговите организатори, односно претседателот Марјан Ристевски, потпретседателот Далипи и делегатот Муамед Сејдини.
Отсуството на лицата кои го иницираа и го закажаа вонредното изборно собрание, претседателот во оставка Марјан Ристевски, потпретседателот Џевдет Далипи и делегатот на ОФС Кичево, Муамед Сејдини, претставува сериозен преседан и крајно несоодветен однос кон процесите на управување во Општинскиот фудбалски сојуз – Кичево.
Ваквиот пристап е очигледна потврда за нефункционалност и нарушена организациска структура во рамките на ОФС Кичево, што неминовно наметнува прашање за неговото натамошно функционирање согласно одредбите на Сојузот.
Фудбалската федерација на Македонија ќе постапува согласно своите надлежности и важечките акти.

