Фудбалската федерација на Македонија во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид, со почеток во 10 часот, ќе го одржи состанокот на Собранието, со главна точка во дневниот ред, избор на Претседател на ФФМ. Единствен кандидат е Муамед Сејдини, кој неколку месеци ја вршеше функцијата в.д. Претседател.
Сејдини треба да биде петтиот претседател на најбогатата спортска Федерација кај нас, после Љубисав Иванов–Ѕинго, Ламбе Арнаудов, Харалампие Хаџи Ристески и Илчо Ѓорѓиоски.
Но, замерки за ова Собрание има од страна на Агенцијата за млади и спорт, од каде прво најавија присуство, а потоа го откажаа. Во Охрид се очекуваат гости од ФИФА, УЕФА, МОК, но нема да има никој од државната агенција.
Вчера директорот на АМС, Дарко Каевски, рече дека собранието на ФФМ мора прво да го угогласи Статутот со Законот за спорт како што бара Агенцијата.
„На дневниот ред на Собранието не е ставена таа точка за промена на статутот на Федерацијата. Од тука ние нема да присуствуваме на Собранието за изборот на претседател и тоа значи дека изборот ќе биде нелегитимен“, рече Каевски кој додаде дека усогласувањето требало да се случи до 2013 година, но тоа не е направено.
Од ФФМ реагираа со соопштение во кое велат оти ги почитуваат и поздравуваат напорите и сугестиите под АМС во насока на усогласување на Статутот на ФФМ со Законот за спорт, но потсетија дека решението со кое се утврдени недостатоци, односно неусогласеност на Статутот на ФФМ со Законот за спорт не е конечно, поради што до конечност на таквото решение не може да се пристапи кон спроведување на решението. Се чека одлука на второстепената комисија која одлучува по поднесената жалба од страна на ФФМ против ваквото решение.
„Во однос на регуларноста на Редовното генерално Собрание на ФФМ истакнуваме дека во целост е организирано во согласност со одредбите на Статутот на ФФМ. Изборот на претседател на Фудбалската федерација на Македонија е исто така во согласност со Статутот на ФФМ. Делегатите ќе одлучуваат за идниот претседател на ФФМ и во иднина, доколку потреба, ќе одлучуваат о за евентуалните статутарни промени. Барањето за измена на Статутот на ден пред одржување на Собрание формално – правно е невозможно“ – одговорија од ФФМ.