Одборот на ФИБА Европа ја информираше Федерацијата на Македонија за одлуката вториот квалификациски турнир од групата Б за пласман на Евробаскетот 2022 година да се игра во Перм, односно во улога на домаќин да биде Руската кошаркарска федерација.
Според одлуката на ФИБА, натпреварите ќе се одржат во периодот од 19 до 21 февруари 2021 година, во Арената „Молотов“ во Перм.
А согласно со првичниот календар за натпреварување во групата Б, на 19 февруари треба да се играат натпреварите Македонија – Русија, односно Италија – Естонија. На 21 февруари се закажани мечевите Македонија – Италија, односно Русија – Естонија.
Kaко што е познато, во селекцијата на Македонија се појавија неколку активни случаи на ковид-19, по што настапот на избраниците на Ацо Тодоров во балонот во Талин се одложи.
Во очекување на одлуката на надлежната комисија околу новите термини за одигрување на двете одложени средби на нашиот сениорски национален тим, против Италија, односно Естонија, од канцеларијата на ФИБА Европа посакуваат сите национални тимови вклучени во квалификациите за Евробаскетот 2022 да го дочекаат наредниот февруарски „прозорец“ во добро здравје и состојба.