ФИФА да размисли за играње на финалето на СП во 9 часот наутро

Професорот Мајк Типтон од Универзитетот во Портсмут, водечки специјалист за влијанието на екстремните температури врз човечкото тело, беше прашан од Би-Би-Си како ФИФА треба да се справи со топлотниот бран за Светското првенство следната година.

На некои натпревари на Светското клупско првенство во САД, играчите се погодени од брутални услови, и тоа е реална закана со која се соочува спектаклот наредното лето.

Професорот Типтон предложи да се размисли финалето на Мундијалот 2026 да се игра во 9 часот наутро по локално време.

Тој работи со спортисти од Велика Британија, вклучувајќи го и триатлонецот Џони Браунли кој колабираше од топлотна исцрпеност во Мексико во 2016 година и тврди дека доколку се повторат условите видени во изминатите 10 дена, закажувањето мечеви во утрински термин би било најдоброто и најбезбедно решение, дури и за финалето на Светското првенство.

Минатата недела го донесе првиот голем топлотен бран во лето во источна Северна Америка, во Њујорк на 24-ти јуни температурата се искачи на 39 степени. А, таму на стадионот „Метлајф“, треба да се игра финалето на СП 2026. Како и повеќето други стадиони низ САД, Канада и Мексико, и на „Метлајф“ нема покрив.

Сатниците за почеток на натпреварите ќе бидат откриени по ждрепката во декември, а се очекуваат мечевите во источната временска зона да започнат во 15, 18 и 21 часот по локално време имајќи ги предвид многу важната европска публика и интересите на радиодифузерите и спонзорите.

„Здравствените ризици не се однесуваат само на играчите, туку и на судиите и гледачите. Би го преместил мечот на климатизиран стадион со покрив, и по можност во постудено време од годината. Но, тоа не е можно, па единственото нешто што можете да го направите е да се игра во постудено време од денот. Од термофизиолошка перспектива, и од здравствени и од перформанси причини, би сакал натпреварите да започнат што е можно порано, но ги разбирам логистичките ограничувања“, додаде тој, признавајќи ја тешката задача за собирање десетици илјади навивачи на стадион толку рано во текот на денот.

Некои други експерти сметаат дека треба да се разгледа можноста полувремето да трае 20, наместо 15 минути.

Истражувачи од Универзитетот „Квинс“ во Белфаст предупредија дека температурите на 14 од 16-те стадиони што се користат за Светското првенство во 2026 година би можеле да ги надминат опасните нивоа, а Мајами и Монтереј претставуваат најголем ризик бидејќи немаат климатизирани стадиони.

Далас и Хјустон имаат системи за ладење, но постои ризик за гледачите ако натпреварите се играат попладне. Во извештајот се сугерира дека попладневните натпревари треба да се избегнуваат и во Њујорк, Канзас Сити, Бостон и Филаделфија.

Фифпро вели дека секој попладневен почеток на натпреварите на шест места; Канзас Сити, Мајами, Монтереј, Хјустон, Далас и Атланта носи „екстремно висок ризик“ од „повреда од топлотен стрес“. Само два стадиони, во Сан Франциско и Ванкувер се оценети со „низок ризик“.

На СКП имаше ситуација во која резервните играчи на Борусија Дортмунд го гледаа првото полувреме од натпреварот против Мамелоди од соблекувалната.

Од ФИФА изјавија дека „главен приоритет“ им е здравјето на сите вклучени во фудбалот и дека медицински експерти ги советувале тимовите на Светското клупско првенство за справување со топлината и аклиматизацијата.

„Здравиот, превентивен концепт“ вклучува паузи за ладење во 30-та и 75-та минута, право на користење на пет замени и една дополнителна замена ако натпреварот оди во продолжение.

Дополнително, како и на Светското првенство следната година, сите екипи имаат минимум три дена одмор помеѓу натпреварите за полесно закрепнување.

Во меѓувреме, навивачите „се добредојдени да донесат празни, проѕирни, пластични шишиња за повеќекратна употреба, со капацитет до еден литар, на стадионите, а локалните власти можат да спроведат дополнителни мерки како што се потсетници за хидратација преку најави за стадионите, ладење на автобуси и станици за вода. „Совети за победа над жештината“ ќе бидат споделени со сите иматели на билети“, се додава во соопштението.

Не е само жештината таа што би можела да претставува закана за турнирот следната година.

Шест натпревари од СКП беа прекинати поради сезонските летни грмотевици, па имаше прекини кои траеја и по два часа. Интересно е што на СП во 1994 година ниту еден натпревар не беше одложен поради предупредувања за бури.

- Оглас -

Најнови вести