Вкупно 42 репрезентации го обезбедија своето место на завршницата на Светското првенство, па сега остануваат само уште шест слободни места за настап на планетарниот собир. Последните шест места ќе бидат пополнети преку плејоф баражите. Четири селекции ќе бидат од Европа, а две места ќе се пополнат по завршување на интерконтиненталниот бараж.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) веќе промовираше еден голем постер со фудбалери од сите 42 репрезентации кои ќе бидат дел од Мундијалот. На постерот се ѕвездите како Меси, Халанд, Мбапе, Салах, Мане, Винисиус јуниор, но го нема Кристијано Роналдо.

Како асоцијација за Роналдо ставен е ликот на Бруно Фернандеш, па армијата на навивачи на Кристијано веднаш реагираа. Многубројни беа реакциите на социјалните мрежи зошто Роналдо го нема на овој постер. „Го нема најголемото лице на спортот“, „Што прави ФИФА? Го изостави Роналдо од постерот“, „Од марекетиншки аспект, Роналдо е највлијателниот спортист во светот, тој го „продава“ турнирот“.
Веднаш потоа од ФИФА решија да го избришат постот на кој беше промовиран постерот.


