Соништата на Италија за место на Светското првенство во 2026 година не се целосо уништени и покрај поразот од Босна и Херцеговина во финалниот бараж. Аѕурите би можеле да добијат уште една шанса, најавуваат британски медиуми.
Нестабилната политичка ситуација во Иран би можела да ги принуди Иранците да се повлечат од СП. ФИФА го одби барањето на Иран своите натпревари да ги игра во Канада и Мексико наместо во САД.
Иако до стартот на СП има уште помалку од два месеци, не може со сигурност да се каже дека листата на учесници е дефинитивна. Ако Иран сепак откаже во последен момент, а тоа не е исклучено, ФИФА има идеја како да го пополни испразнетото место.
ФИФА размислува за организирање на меѓуконтинентален плејоф во кој би играле по два национални тима од Европа и Азија кои не се квалификуваа. Италија и Данска би биле двете европски селекции кои би добиле шанса, а би играле со Обединетите Арапски Емирати и Оман. Победникот на тој турнир би одел на СП во групата која ја сочинуваат Белгија, Египет и Нов Зеланд.
Членот 6 од прописите за СП ѝ дава право на ФИФА да донесе конечна одлука доколку некој учесник се повлече. ФИФА има дискретно право да преземе каква било акција, вклучително и одредување замена.

