ФИФА го одби барањето на Иран да игра во Мексико, се отвора нова шанса за Италија?!

ФИФА го одби барањето на Иран натпреварите од Светското првенство да ги игра во Мексико, што повторно ѝ дава надеж на Италија дека може да стигне до настап на Мундијалот.

Според распоредот, Иран требаше натпреварите од групната фаза да ги игра на територија на САД против селекциите на Белгија, Египет и Нов Зеланд. Два меча беа планирани во Лос Анџелес, а еден во Сиетл, па Фудбалскиот сојуз на Иран, поради конфликтите со САД и Израел, побара од ФИФА натпреварите да се преместат во Мексико.

Според мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум, светската фудбалска организација го одбила барањето, што сега сериозно го доведува во прашање настапот на иранската репрезентација на Мундијалот.

Иранскиот сојуз претходно јасно постави услов дека репрезентацијата ќе учествува на Светското првенство само ако натпреварите се играат надвор од САД.

По одбивањето од ФИФА, се очекува Иран официјално да објави повлекување од натпреварувањето, пренесува „Атлетик“.

Истиот извор открива и план на ФИФА доколку Иран навистина се откаже. Иако претходно се шпекулираше дека покана ќе добие Италија како најтрофејна репрезентација која не се квалификувала, тоа најверојатно нема да се случи.

Според информациите, Италија би можела да добие шанса за настап на Светското првенство, но преку нов бараж.

Во тој бараж, покрај Италија, би учествувале и Обединетите Арапски Емирати, кои загубија во баражот од Ирак, Боливија како поразен тим од Јужна Америка во баражот, како и Данска.

Постои и можност ФИФА местото на Иран да го пополни со следната најдобра селекција од Азија – токму Обединетите Арапски Емирати.

Со оглед на тоа што почетокот на Светското првенство се наближува, јасно е дека ситуацијата ќе мора да се расчисти во многу краток рок.

- Оглас -

Најнови вести