Меѓународната фудбалска организација (ФИФА) го одобри трансферот на Ејмерик Лапорт (31) од Ал-Наср во Атлетик Билбао, објави баскискиот клуб. ФИФА првично го блокираше договорот, кој беше завршен на самиот крај на преодниот рок на 1 септември, бидејќи навреме не ги доби сите потребни документи.
Сепак, по жалбата, Советот за спорови на ФИФА ги сослуша клубовите и донесе одлука дека се исполнети сите услови за валидизација на договорот, иако Ал-Наср не го пријавил трансферот во ТМС-системот навреме пред затворањето на преодниот рок.
Шпанскиот репрезентативец се враќа во клубот во кој помина осум години и одигра над 220 натпревари. Лапорт е роден во Франција и во Атлетик Билбао пристигна на 16-годишна возраст, станувајќи само втор Французин по Биксенте Лизаразу кој настапил за баскискиот клуб.
Во редовите на Атлетик Билбао играше до 2018 година, кога прејде во Манчестер сити. Таму остана до август 2023 година, кога се пресели во саудискиот Ал-Наср. Иако настапуваше за младинските селекции на Франција, од 2021 година игра за шпанската репрезентација, со која ги освои Европското првенство (2024) и Лигата на нации (2023).