На помалку од месец дена до стартот на Светското првенство во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА) по Иран, ѝ се закани на уште една репрезентација дека може да биде исфрлена од Мундијалот.
ФИФА ја предупреди Фудбалската федерација на Тунис, во случај политиката подлабоко да навлезе во фудбалот, тогаш репрезентацијата ќе биде исфрлена од Мундијалот во Катар.
Заканата од ФИФА доаѓа по зачестените коментари во последно време на тунискиот министер за спорт, Камал Дагиш, во кои ја вмешува политиката во фудбалот и во спортот воопшто во оваа африканска земја.
Тунижаните мора да се огласат за целата ситуација предизвикана од министерот Дагиш до следната недела и официјалниот допис да го испратат во седиштето на ФИФА.
Веќе започнаа шпекулациите за тоа кој би можело да влезе како замена во случај Тунис да биде суспендиран, но едно е сигурно, тоа не би биле Италија и Украина, кои се најголеми заговорници за исфрлање на Иран од Мундијалот во Катар бидејќи се надеваат дека токму тие ќе бидат дел од најголемиот светски фудбалски настан.
Според правилата на ФИФА, доколку Тунис биде исфрлен од СП во Катар, неговото место би го зазела најдоброрангираната репрезентација од африканскиот континент, а според ранг-листата, тоа би бил Мали. Токму Мали испадна од Тунис во баражот за Мундијалот.
Тунис на СП во Катар се наоѓа во групата Д заедно со Франција, Данска и Австралија.