ФИФА ја објави листата од 10 најдобри играчи, го нема голманот Алисон

Наградата The Best која ја доделува ФИФА за најдобар фудбалер на светот во периодот од 16 јули 2018 до 19 јули 2019 година, на 23 септември на церемонија во Милано ќе ја добие некој од десетте кандидати чии имиња се објавени денеска.

Лани признанието му припадна на Лука Модриќ, кого овојпат го нема меѓу десетте кандидати. Но, тоа е и очекувано, па најголемото изненадување е што го нема голманот Алисон Бекер, кој имаше голема заслуга за титулите на Ливерпул во Лигата на шампионите и на репрезентацијата на Бразил на Копа Америка.

За утеха, Ливерпул има тројца кандидати: Мохамед Салах, Вирџил ван Дајк и Садио Мане. Во конкуренција влегуваат уште: Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Еден Азар, Хари Кејн, Килијан Мбапе, Матајс де Лихт и Френки де Јонг.

Може да се забележи дека за првпат нема ниту еден член на Реал Мадрид (Азар заслугите што е на листата ги заработи играјќи за Белгија и Челзи), а ги нема ниту Антоан Гриезман, Серхио Агуеро, Пол Погба и Нејмар. Оваа награда се доделува од 2016 наваму. Роналдо победуваше во 2016 и 2017, а лани беше втор.

Во гласањето ќе учествуваат навивачите, новинари, капитени и селектори на репрезентациите.

- Оглас -

Најнови вести