-0.2 C
Skopje
среда, 18 февруари 2026

ФИФА ќе ги казнува фудбалерите за говор со покриена уста?

Во ФИФА се разгледува можноста во иднина фудбалерите да бидат санкционирани доколку им се обраќаат на противниците со покриена уста, како што беше случајот со Џанлука Престијани кон Винисиус јуниор за време на натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампионите во вторникот.

Ова го потврди поранешниот француски репрезентативец Микаел Силвестре, кој во моментов е еден од 16-те членови на панелот „Гласот на играчите“ при светската централа. Според него, во разговорот меѓу Аргентинецот и Бразилецот имало очигледна омраза.

„Нашата WhatsApp група во панелот е многу активна додека се обидуваме да најдеме начини како да санкционираме играчи кои зборуваат со покриена уста“, изјави Силвестре за „Скај Спортс“ .
„Едно е кога зборуваш за тактика со соиграчите или водиш неформален разговор, но сосема друго е кога има појава на омраза меѓу играчите, особено ако е насочена од еден кон друг. Можеби токму таквото однесување треба да се казнува, без разлика дали ги ставаш рацете пред устата или ја покриваш со дресот, како што направи тој (Престијани).“

Сепак, тој нагласи дека евентуалното воведување санкции за вакво однесување ќе бара време.


„Треба да видиме и со судиите што можат, а што не можат да направат на теренот.“

Во конкретниот случај, поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Интер и Арсенал објасни дека иако „има сведоци – како Килијан Мбапе, кој рече дека слушнал што изјавил играчот на Бенфика“, ќе биде тешко да се изречат конкретни санкции.

„Компликувано е судијата да има цврсти докази за да може истрагата да биде брза, бидејќи реваншот е за седум дена. Ако во меѓувреме нешто се докаже, играчот не треба да настапи и мора да добие сериозна казна“, додаде Микаел Силвестре.

Панелот „Гласот на играчите“ беше формиран од ФИФА минатата година и го сочинуваат 16 поранешни фудбалери од различни етнички потекла и националности, кои ги претставуваат шесте конфедерации. Нивната задача е да го следат и советуваат спроведувањето на иницијативите во рамки на глобалната борба против расизмот.

Покрај Силвестре, дел од панелот се и Жорж Веа, Дидие Дрогба, Формиџа и Блес Матуиди.

- Оглас -

Најнови вести