Голем скандал е на повидок во светскиот фудбал откако Фудбалскиот сојуз на Нигерија и официјално упати жалба против Демократската република Конго, селекција која е на прагот на пласман на Светското првенство во 2026 година.
ДР Конго во плејофот ја исфрли Нигерија, а Нигеријците тврдат дека неколку фудбалери на Конго во квалификациите настапиле без административно право, односно навремено немале државјанство на оваа земја.
Нигерија беше елиминирана од ДР Конго во драматичен плејоф-дуел, и тоа по изведување на пенали. Сепак, Нигериската фудбалска федерација сега тврди дека во противничката селекција играле фудбалери кои не ги исполнувале условите.
Доколку ова се докаже како вистина, ФИФА ќе ги поништи резултатите на ДР Конго, а друг африкански тим ќе се пласира во меѓуконтиненталниот плејоф за Светското првенство. Тоа треба да биде Нигерија, која беше поразена во плејофот од ДР Конго.
Во официјалната жалба се наведува дека шестмина играчи од Конго играле без навреме да го добијат државјанството и затоа немале права за настап на тој натпревар.
Друг проблем за ДР Конго е тоа што земјата не дозволува двојно државјанство, па затоа некои европски ѕвезди, како што се Арон Ван-Бисака и Аксел Туанзебе, немаа време навреме да се откажат од англиското државјанство.
„Чекаме. Конгоанските прописи велат дека не можете да имате двојно државјанство или националност. Ван-Бисака има европски пасош, некои од нив имаат француски пасоши, некои имаат холандски пасоши. Правилата се многу јасни и ние ја поднесовме нашата петиција“, објасни генералниот секретар на Нигериската фудбалска федерација, Мохамед Сануси, за нигерискиот весник „Гардијан“.
Сануси призна дека ФИФА првично им дозволила пристап на играчите врз основа на документи доставени од Фудбалската федерација на ДР Конго. Сепак, тој тврди дека овие документи биле лажни и биле доставени до ФИФА.
Случајот сега е во надлежност на ФИФА, која ја истражува оваа тужба. Доколку се потврди дека ѕвездите на ДР Конго играле без дозвола, резултатите на оваа селекција ќе бидат поништени.
ДР Конго се избори за настап во Интерконтиненталниот плејоф-бараж за пласман на СП 2026, каде што ќе игра со подобриот од мечот меѓу Јамајка и Нова Каледонија.

