ФИФА одлучи: Нема да се користи името Русија, нема да има знаме, ниту химна, но ќе игра во баражот за СП

Светската фудбалска федерација (ФИФА) донесе одлука дека поради воените напади на Русија врз Украина, на тлото на Русија нема да може да се играат меѓународни натпревари, но дека националниот тим на оваа земја ќе може да се натпреварува на неутрален терен.

Во своето соопштение, од ФИФА потенцираа дека Русија може да биде и исклучена од Федерацијата доколку ситуацијата во брзо време не се промени. Според одлуката, Русија нема да може да го користи ниту уставното име, ниту химната, а ни знамето, додека дуелите би се играле без публика.

„Ќе бидеме во комуникација со МОК и со УЕФА, како и со другите спортски федерации, за да можеме да ги донесеме и останатите мерки и санкции доколку е тоа потребно. Тука е и потенцијалното исклучување од натпреварувањата, кои би се случиле доколку во блиска иднина не се подобри ситуацијата“, стои во пораката од ФИФА.

Русија е во плејофот за пласман на СП во Катар, а нивните противници, селекциите на Полска, Шведска и Чешка, едногласно решија дека нема да играат против Русија во баражот за Мундијалот, додека првиот човек на францускиот фудбал, Ноел ле Грат, побара Русија веднаш да биде исклучена од баражот за планетарниот собир.

- Оглас -

Најнови вести