Светската фудбалска федерација, ФИФА, планира наскоро да направи големи промени во репрезентативниот фудбал, на состанокот во Доха се разгледуваат секакви опции околу календарот, а еден од одговорните во секторот за развој, Арсен Венгер, најави дека голема новина треба да биде укинувањето на таканаречените репрезентативни паузи и сите квалификациски мечеви да се играат само во октомври.
„Сите актери се загрижени околу квантитетот и квалитетот на мечевите. Размислуваме како да има помалку патувања и помалку промени на клима. Комбинирањето на мечеви на националните тимови и клубовите не е најсоодветно. Мора да го намалиме бројот на натпревари за да бидат поинтересни за публиката. Актуелниот календар е застарен. Имаме пауза во септември, па во октомври, третиот е во ноември, четвртиот квалификациски прозорец е во март, последниот во јуни, а веќе во јули почнува нова сезона. Премногу е. Август и септември треба да бидат само за клупски фудбал, а во октомври да се играат само квалификации. Од ноември до мај повторно би бил период само за клупски фудбал“, објаснува Венгер, кој додава дека летата остануваат како период за СП и континентални шампионати.
За идејата Светско првенство да има на секои две години, Венгер вели дека 146 национални федерации го побарале тоа, а одлуката ќе се донесе на 19 декември. Европската федерација, УЕФА, е против идејата која ја нарекоа ирационална бидејќи ќе има поклопување на ЕП и СП во иста година.
Календарот на ФИФА е познат за периодот од сега до 2024 година. Сите евентуални промени би почнувале после тоа, а СП на две години може да има по 2028 година.