Последниот учесник на овогодишното Светско клупско првенство на ФИФА може да биде одлучен со плејоф меѓу Лос Анџелес и Клуб Америка, доколку правната завршница биде со дефинитивен исход со кој Леон ќе биде исфрлен од турнирот.
ФИФА неодамна го исфрли Леон од турнирот поради прекршување на правилата на натпреварувањето бидејќи Леон и уште еден учесник на првенството, Пачука, имаат ист сопственик.
Ако жалбата на Леон пред Судот за спортска арбитража не биде усвоена, тогаш ќе се игра плејоф помеѓу Лос Анџелес и Клуб Америка за да се пополни испразнетото место.
Лос Анџелес ФК ќе биде во плејофот како финалист на Лигата на шампионите во КОНКАКАФ зоната во 2023 година, кое го загуби од Леон, додека Америка е следниот најдобро пласиран клуб на ранг-листата на Светското клупско првенство.
Судот на 23 април треба да реши и околу барањето на клубот Алахуеленсе од Костарика, кој тврди дека има право да се квалификува.