13.8 C
Skopje
недела, 9 ноември 2025

ФИФА размислува за бомбастична новина, теоретски Македонија може да биде во прв шешир за СП

Неофицијално има најави дека ФИФА би можела да го промени системот за одредување на шеширите при ждрепката за групите на Светското првенство во 2026 година, објави платформата „Фудбал митс дата“, која наведува дека постојат „силни индикации“ дека тоа ќе се случи.

Промената би се однесувала на позициите во ждрепката што ќе ги заземаат екипите од дополнителните баражи.

На ждрепката за СП 2022 година во Катар, сите селекции од дополнителните квалификациски групи автоматски беа сместени во четвртиот, последен шешир. 

Овојпат ждрепката се одржува во декември, и пак нема да се знаат сите учесници на Мундијалот, бидејќи баражите ќе се играат во март 2026.

Но, главната вест е дека ФИФА сега подготвува терен за промена на правилото и новина е што репрезентациите од дополнителните квалификации повеќе нема автоматски да одат во последната група, туку ќе бидат сместени според рејтингот.

Така на пример Италија ако преку бараж влезе на СП, нема да биде четврти, туку во првиот шешир. Но, не само Италија, туку сите што ќе бидат во нејзиниот дел (ривали во полуфинале или финалето) во баражите, го преземаат нејзиниот рејтинг.

Македонија и да се пласира на СП преку бараж, ќе биде во четвртиот шешир, иако таму ќе има и неколку тима кои се послабо рангирани од нас на ФИФА листата. Но, ако се усвои овој предлог на ФИФА и ја елиминираме Италија во бараж како во 2022, би можеле да бидеме дури и меѓу главните носители.

Ако во бараж бидеме во делот со Турција, Украина или Полска, би биле во третиот шешир.

- Оглас -

Најнови вести