Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека добила барање од Украинскиот фудбалски сојуз за одложување на полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство, кое Украинците треба да го играат на 24 март во Глазгов.
Од ФИФА откриваат дека се во постојана комуникација со УЕФА и со Шкотите за да се најде вистинското решение.
„ФИФА е многу погодена поради тоа што се случува во Украина. Повеќе информации ќе имаме во следните денови“, стои во краткото соопштение на ФИФА.
Победникот од дуелот меѓу Шкотска и Украина ќе треба да игра финале за пласман на Светското првенство во Катар, со подобриот од средбата меѓу Велс и Австрија. Ждрепката за групите на Светското првенство е закажана за 1 април.
Меѓу многуте Украинци кои војуваат против Русија е и украинскиот репрезентативец Виктор Корниенко. „Во Украина сме и им помагаме на воените сили. Слава на Украина! Ќе ги уништиме Русите“, порача 23-годишниот лев бек на Шахтар преку социјалните мрежи.
ФИФА веќе ја суспендира Русија и таа нема да го игра баражот за пласман на Мундијалот против Полска.