ФИФА суспендираше две национални федерации, по една од Африка и Азија

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги суспендираше фудбалските федерации на Република Конго и на Пакистан. На овие две федерации им се забранува учество на меѓународни натпреварувања.

„Федерацијата на Конго е суспендирана поради мешање во работата од трети лица. Прекршен е статутот во работењето. Одлуката е донесена во консултација со ЦАФ (Африканската фудбалска конфедерација)“, стои во објаснувањето на ФИФА.

Пакистан беше суспендиран затоа што не ја усвои ревизијата на неговиот устав што ќе обезбеди „вистински фер и демократски избори“. ПФФ веќе беше суспендиран од ФИФА во 2017 и 2021 година поради мешање на трета страна. Последната суспензија беше укината во јуни 2022 година, откако Комитетот за нормализација на ПФФ објави дека ја вратил целосната контрола врз просториите и финансиите на федерацијата.

ФИФА додаде дека суспензијата ќе биде укината само доколку Конгресот на ПФФ ја одобри верзијата на уставот претставена од ФИФА и АФЦ (Азиската фудбалска конфедерација).

Претседателот на Комитетот за нормализација на ПФФ, Харун Малик, во четвртокот изјави за локалните медиуми: „ФИФА сака да направи амандмани на Уставот на ПФФ за да го усогласи со меѓународните стандарди. Во последните напори, мнозинството новоизбрани членови на Конгресот на ПФФ не се согласија со предлозите на ФИФА“.

- Оглас -

Најнови вести