Четири меча од квалификациите за СП 2026 се играа утрово во Јужна Америка. Бразил и Еквадор се радуваа на место на завршницата на Мундијалот, но една селекција, која до неодамна беше и доминантна во Јужна Америка, остана со „кратки ракави“.
Репрезентацијата на Чиле трето Светско првенство по ред не успева да обезбеди место на завршницата. Чиле загуби со 2:0 од Боливија и остана на последното место на табелата само со 10 бода. На две кола до крајот, Чиле нема шанси да стигне ниту до седмото место, на кое е Венецуела со 18 бодови, а води бараж за СП.
Навистина е неверојатно како репрезентацијата на Чиле толку многу падна со игрите и резултатите затоа што пред помалку од една деценија тоа беше селекцијата која дури и беше најдобра во Јужна Америка. Во 2015 година Чиле прв-пат го освои трофејот на Копа Америка, а следната година, на јубилејот 100 години од Копа Америка, Чиле повторно беше најдобар во Јужна Америка.
Чиле беше дел од Мундијалите во 2010 и 2014 година, кога успеваше да стигне до нокаут-фазата. Сепак, откако не успеа да се пласира на завршницата на СП 2018, резултатите тргнаа на лошо. Потоа го пропуштија и Мундијалот во Катар, а сега убедливо се најслаби и заковани на дното од табелата во трката за пласман на СП 2026.
По овој неуспех, Чиле остана и без селектор откако Рикардо Гарека си поднесе оставка. Аргентинскиот стратег смета дека веќе нема зошто да остане на чело на тимот откако ги загуби и теоретските шанси за пласман на СП 2026.