Екипата на Филаделфија иглс две години чекаше реванш и го дочека, го победи Канзас сити чифс со 40-22 во Суперболот за втора титула во НФЛ-лигата во американски фудбал, спречувајќи го ривалот да стане прв во историјата со три титули по ред.
Орлите доминираа во Њу Орлеанс, одиграа фантастична одбрана и водеа со 24-0 по првото полувреме. Натпреварот беше решен на 5 минути и 20 секунди пред крајот на третата четвртина, кога Џејк Елиот погоди шут за водство од 27-0.
Канзас сити остана на четири титули, од кои три во ерата на квотербекот Патрик Махомс и под тренерската палка на 66-годишниот Енди Рид. Ова е втор шампионски прстен за Филаделфија откако го освои првиот во 2018 година со победа над Њу Ингланд пејтриотс.
Џејлен Хартс беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Суперболот, па сега овој играч има титули и во универзитетската НЦАА и во професионалната НФЛ.
Натпреварот во живо го следеше и Доналд Трамп, кој со тоа стана првиот актуелен американски претседател кој присуствувал на најголемиот спортски настан во САД.