Ракометната репрезентација на Македонија не успеа да го освои „Жолтиот куп“ во Винтертур, откако на последниот меч одигра реми, 29-29, против домаќинот Швајцарија, кој на крајот се радуваше на пехарот поради подобрата гол-разлика, но и нашата селекција не си заминува без признание.
Капитенот на Македонија, Филип Кузмановски, е прогласен за МВП на турнирот, односно за најкорисен играч на „Жолтиот куп“, на кој освен нашата селекција и домаќинот, настапија и Украина и Бахреин.
Кузмановски на трите натпревари успеа да постигне 17 гола и беше најефикасен на првите два меча, против Украина и Бахреин, на кои успеавме да победиме.

