23.8 C
Skopje
четврток, 10 јули 2025

Филип Миркуловски промовиран во координатор на националните ракометни селекции

Ракометната легенда Филип Миркуловски се врати во македонскиот ракомет преземајќи ја функцијата спортски координатор на сите машки национални селекции. Големиот борец на теренот сега ќе има нова улога со силен фокус на развојот на младите генерации и подобрување на системот во македонскиот ракомет.

„Убаво е повторно да се видат познатите лица по толку години во странство. Благодарен сум за довербата и шансата да работам на една ваква клучна позиција. Ќе го вложам целото мое искуство стекнато во Германија за да помогнам. Главна цел ми е развојот на младинските категории, подобра координација меѓу селекторите и создавање на стабилен систем“, изјави Миркуловски.

Тој најави конкретни чекори, вклучувајќи формирање пионерска селекција и посветеност кон младите таленти. Нагласи дека ќе се труди да ги подобри условите и повторно да го врати младинскиот ракомет на ниво какво што заслужува.

„Оваа функција бара многу работа, особено со најмладите. Да се биде и тренер и координатор не оди заедно. Можев да бидам тренер, но јас сакам да вложам во напредокот на македонскиот ракомет. Дома си е дома – секогаш е убаво да си тука. Секогаш сум давал максимум како играч, тоа ќе го правам и сега“, додаде тој.

Миркуловски исто така ја истакна добрата соработка со Кире Лазаров и сите селектори, сметајќи дека клучот лежи во одлична комуникација меѓу сите генерации за создавање единствен систем што ќе ги подготви младите ракометари да бидат дел од А-селекцијата.

Филип Миркуловски ја започна новата функција на почетокот на јули и веќе активно работи во рамките на Ракометната федерација на Македонија.

- Оглас -

Најнови вести