Градските власти на Истанбул објавија дека се сигурни во одлична организација на финалето на Лигата на шампионите, со гаранција дека можат да обезбедат посета од 25 илјади фудбалски симпатизери на „Ататурк“ на 29 мај.
Стадионот може да прими околу 80 илјади гледачи во нормални услови, но сега, во екот на пандемија со ковид-19 капацитетот е намален и ќе има околу 25 илјади гледачи за финалето.
Познато е и колку билети ќе добијат финалистите, а едниот веќе се знае, Манчестер сити. Понудата од УЕФА е малку повеќе од 4 илјади влезници, посебно за навивачите на клубовите што ќе играат за титулата во Лигата на шампионите, или заедно над 8.000, а дел од останатиот контингент е за фудбалските симпатизери од Турција, за УЕФА и нејзините деловни партнери.
Вечерва од 21 часот на „Стемфорд бриџ“ во Лондон ќе се игра реванш-полуфиналето меѓу Челзи и Реал Мадрид, по кое ќе биде познат вториот патник за Истанбул.
Првиот меч во Мадрид заврши нерешено 1:1.