„Финалисима“ може и да не се игра: „Вембли“ е фаворит, но нема слободен термин за мечот на Аргентина и Шпанија

Раководствата на европската и јужноамериканската фудбалска федерација оваа недела ќе одржат состанок за да одлучат каде ќе се одигра натпреварот „Финалисима“ меѓу Шпанија и Аргентина.

Европскиот шампион и освојувачот на Копа Америка требаше да се соочат на 27 март на стадионот „Лусаил“ во Доха, Катар, но тоа најверојатно нема да се случи поради воените случувања во регионот.

Шпанската фудбалска федерација инсистира на брзо решение, бидејќи мартовската репрезентативна пауза ја смета за исклучително важна во подготовките за Светското првенство кое ќе се одржи летово.

„Знам дека се водат преговори. Првото нешто што треба да го направиме како општество е да го запреме конфликтот, но кога еднаш ќе се најдете во таква ситуација, не знаете кога ќе заврши. Ако не можеме да играме таму, решението е што побрзо да најдеме друга локација“, изјави селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.

Во моментов, стадионот „Вембли“ во Лондон е фаворит за домаќин на дуелот, со оглед дека претходното издание во 2022 година се одигра токму таму, кога Аргентина ја совлада Италија со 3:0. Меѓу останатите опции се „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, „Хард Рок Стадиум“ и „МетЛајф Стадиум“ во САД, како и „Принц Мулај Абдела Стадиум“ во Мароко.

Сепак, „Вембли“ е веќе зафатен на планираниот термин, бидејќи Англија тогаш ќе одигра пријателски натпревар против Уругвај.

- Оглас -

Најнови вести