Најдобрите македонски кошаркари денеска ги добија премиите кои ги заработија во претходниот претквалификациски циклус, кога беа подобри од Швајцарија и Словачка, па ќе имаат мотив плус да се потрудат да ја минат и наредната фаза во која ривали им се Косово и Романија.
Македонската репрезентација, со натурализираниот Ричард Хендрикс во составот и со останатите 11 избраници на Јорданчо Давитков, в четврток вечер гостува кај должникот Косово. Иако националниот тим е доста изменет во однос на оној што минатото лето на Илинден гостуваше во Приштина, сега е поискусен и подобро покриен на клучните позиции.
Желбата да се совлада соседот е голема, но нема да биде лесно, а сите кои играа лани, кога потфрливме во првото полувреме, го знаат тоа. Сега атмосферата во селекцијата е подобра, играчите имаат искуство плус, и тоа треба да донесе поповолен резултат за зголемување на самодовербата пред неделниот меч во Скопје против незгодната Романија.
Доколку бидеме први во групата со Косово и Романија, влегуваме меѓу 32-те најдобри селекции во Европа, кои ќе играат квалификации за пласман на Евробаскетот 2021 година, на кој ќе се појават 24 тима.