12.8 C
Skopje
сабота, 1 ноември 2025

Финска испиша историја, првпат ќе игра во полуфинале на Евробаскет

Кошаркарската репрезентација на Финска се пласира во полуфиналето на Европското првенство откако без многу проблеми со 93:79 ја победи Грузија. За Финска ова е историски момент затоа што првпат се пласира меѓу најдобрите четири на континентален собир. Досега нејзиниот најдобар пласман беше шесто место на турнирот во далечната 1967 година, кога беше и домаќин.

Грузија парираше само на почетокот, кога беше 10:10. Потоа следуваше фуриозна игра на Финска и до крајот на првата четвртина стигна до предност од 13 поени (28:15). Добрата игра на Финска продолжи и во втората четвртина, а во последната минута од првото полувреме имаше и 20 поени предност од 57:37, а на полувреме водеа со 17 поени предност.

Главен адут на Финска во првото полувреме им беше шутот од далечина затоа што погодија 10 од 15 шута за тројка, што е неверојатни 66,67 отсто прецизност. Солидни во ударите за три поени беа и Грузиците со 7 тројки од 17 шута (41 отсто), но сепак тоа не беше доволно за да одржат ритам со противникот.

Во второто полувреме Грузија се обиде да се врати во игра. Ја доби третата четвртина со 22:14, а во еден момент од последната четвртина, разликата падна на шест поен (73:67). Тогаш Финска со серија од 8:0 ја врати двоцифрената разлика на 81:67 и тогаш беа решени сите дилеми околу победникот.

- Оглас -

Најнови вести