0.8 C
Skopje
сабота, 17 јануари 2026

Фиорентина објави тажна вест, почина претседателот Роко Комисо

Роко Бенито Комисо, претседателот на Фиорентина од 2019 година и основач на телекомуникацискиот гигант „Медиаком“, почина утринава на 76-годишна возраст по долго лекување, соопшти италијанскиот клуб.

Тажната вест ја потврди семејството Комисо преку официјално соопштение, во кое се наведува:
„Со неизмерна болка и длабока тага, семејството Комисо – неговата сопруга Катерина, децата Џузепе и Мариса, како и сестрите Италија и Рафаелина – ја објавуваат смртта на нашиот сакан Роко Бенито Комисо. Неговото присуство ќе ни недостасува засекогаш.“

Роден во Калабрија, на југот од Италија, Комисо како 12-годишно момче емигрирал во Соединетите Американски Држави, каде што ја изградил својата импресивна деловна кариера. Во 2019 година ја презеде Фиорентина, а за време на неговиот мандат клубот доби јасна визија и долгорочен развоен план.

Еден од најзначајните проекти реализирани под негово водство беше изградбата на најсовремениот спортски комплекс во Италија, вреден околу 100 милиони евра. Отворен во 2023 година, комплексот отсега ќе го носи името „Виола Парк – Роко Б. Комисо“.

„Домот на Фиорентина засекогаш ќе го носи неговото име – како симбол на љубовта кон клубот и неговата посветеност на развојот на младите генерации“, истакнаа од клубот.

На спортски план, Фиорентина во ерата на Комисо забележа значајни европски настапи, вклучувајќи две финалиња на Конференциската лига (2023 и 2024), полуфинале во истото натпреварување во 2025 година, како и полуфинале во Купот на Италија во 2023 година. Сепак, по неколкуте успешни сезони, тимот моментално се соочува со сериозна резултатска криза и се наоѓа во зоната за испаѓање.

- Оглас -

Најнови вести