Фиорентина планира да му понуди нов договор на својот најдобар стрелец Мојзе Кин откако во средината на јули ќе истече неговата откупна клаузула од 52 милиони евра, објави „Газета дело спорт“. Клубот сака да го награди италијанскиот напаѓач за одличната сезона и да го задржи долгорочно.
Очекувањата се дека двете страни ќе започнат преговори во следните недели. Засега не е јасно дали новата понуда ќе вклучи нова клаузула, нејзино укинување или зголемување. Во пресметките, Виолетовите ќе се потпрат и на т.н. „декрет за раст“, според кој клубовите во Италија можат да плаќаат пониски даноци за странски играчи или оние што доаѓаат од странство. Така, нето-плата од 4 милиони евра за Кин ќе го чини клубот околу 5,2 милиони евра годишно бруто наместо речиси 8 милиони.
Ако Кин добие ваков договор, ќе стане најплатениот фудбалер на Фиорентина во ерата на сопственикот Роко Комисо, достигнувајќи го нивото на Франк Рибери во сезоната 2019/20. Во моментов Кин заработува 2,2 милиони евра, а Давид де Хеа е најплатен со околу 3 милиони евра.
Минатата сезона Кин одигра 32 натпревари во Серија А, постигна 19 гола и имаше три асистенции, со што беше најдобар стрелец на тимот.