За услугите на Елиф Елмас веќе долго време се води битка, но Фенербахче досега не попушти и успеа да го задржи суперталентираниот македонски играч за врска во своите редови. Интерес за неговиот потпис покажаа гиганти како Реал Мадрид и Манчестер сити, но и ред други клубови, а според турските медиуми, најново е што и Фиорентина го посакува „дијамантот“.
„Виолетовите“ наводно се подготвени да издвојат 15 милиони евра за налето Елмас да се пресели во Фиренца. Сепак, Фиорентина не е единствениот италијански клуб кој се обидува да го купи Елмас, тука се Интер, Лацио, Рома.
Не е познато дали од таборот на Фенер ја одбија оваа понуда како и сите претходни, но се чини дека оваа сума може да ги натера двапати да се замислат пред да донесат конечна одлука.
Eлмас сезонава настапи вкупно на 34 натпревари за Фенербахче, на кои постигна еден гол и 10 асистенции, а изминатиот четврток со два погодоци придонесе за триумфот на Македонија против Летонија (3-1) на стартот од квалификациите за ЕП 2020.