Се ближи петок, 16 јануари, кога македонската ракометна репрезентација ќе ѝ се спротивстави на моќната Данска, и тоа на нивен терен во Хернинг во првото коло од Европското првенство за мажи кое редовно го задржува вниманието на љубитепите на спортот кај нас.
Екипата на селекторот Кирил Лазаров е спремна, ја темпира формата, доказ се добрите резултати на турнирот во Швајцарија, каде што за најкорисен играч беше прогласен капитенот Филип Кузмановски. Од популарниот Фитиљ може да очекуваме многу добри игри и голови и на ЕП, тој е лидерот на тимот, а ако му се приклучат уште неколкумина, тогаш имаме право на оптимизам иако групата е пеколно тешка и на хартија не сме фаворити за пласман во втората фаза.
Ракометната еуфорија треба да го достигне максимумот в недела, кога го играме веројатно клучниот меч со Португалија и тој дуел ќе биде вистинскиот тест за можностите.
Лошата и шокантна вест од светот на ракометот беше дека најдобрите македонски, па и светски судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, се суспендирани од ЕХФ поради наводна манипулација со снимките од тестот за физичка подготвеност, па на ЕП ќе имаме само еден наместо два пара арбитри.
МАТО Е ВАРДАРОВО ЗЛАТО
Фудбалскиот клуб Вардар ја одреди цената за Роџерс Мато и ако некој сака да го купи напаѓачот од Уганда, а има интерес, ќе треба да плати 1,5 милиони евра.
Одбиена е понуда од 300.000, Вардар бара петпати повеќе од таа сума.
Головите на Мато беа клучни за првото место на Црвено-црните, тимот ја брка титулата и многумина навивачи на Вардар не би сакале Мато да си оди сега во јануари, туку да остане и да донесе шампионски трофеј. Но, 1,5 милиони нема да бидат одбиени ако се јави некој што ќе понуди толку.
ФА КУП СО НЕКОЛКУ СЕНЗАЦИИ, ЕЛ КЛАСИКО ЗА МЕРАК
Викендов се играа многу интересни фудбалски мечеви, спектакуларното Ел Класико од финалето на Суперкупот на Шпанија, ефикасното дерби во Италија на последните два шампиони на Серија А и пресметки од англискиот ФА куп кои покажаа дека е можно премиерлигаш да биде елиминиран од полуаматерски тим од шестиот ранг.
Тие што се обложивте на Манчестер јунајтед или Кристал палас (бранител на трофејот во ФА купот, а испадна од шестолигаш), сега се каете. И Нотингам форест е на листата премиерлигаши кои испаднаа во 32-финалето од тим од некоја друга лига.
Барса со спектакл со пет гола, од кои три во судиското продолжение на првото полувреме, го победи Реал Мадрид во битката за трофеј, Каталонците втора година по ред во финалето на Суперкупот се подобри од лутиот ривал, а традицијата во последните години вели дека тој што го земал Суперкупот, неколку месеци подоцна станувал и првак на Шпанија.

