Вечерва во Саудиска Арабија ќе се одржи една од најспектакуларните боксерски претстави годинава, ракавиците ќе ги вкрстат шампионот во ВБЦ организацијата, Тајсон Фјури и поранешниот УФЦ шампион, Франсис Нгану.
Фјури во свој стил, на прес-конференцијата пред мечот на интересен начин објасни зошто тој е апсолутен фаворит против Нгану, за кого ова ќе биде прв професионален боксерски меч.
„Докажано е дека Нгану апсолутно ништо не може да понуди. Тоа е како шампион во пинг понг да игра против Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон. Боксот е повеќе од физичка пресметка, тоа е џентлменски спорт, слатка наука и мајсторија до доаѓање на нокаут. Веднаш ќе го нокаутирам, не сме платени за долги борби“, изјави Фјури.
Тајсон Фјури во професионалната кариера има 33 победи и едно реми, а по мечот со Нгану кој нема да биде за шампионскиот појас, го очекува меч со Александр Усик во борба за обединување на појасите во тешка категорија.
Франсис Нгану е ММА борец кој беше шампион во УФЦ организацијата во тешка категорија, а негово најсилно оружје беше силниот удар со кој со леснотија ги нокаутираше противниците во октагонот.
Во останатите мечеви на приредбата која ќе се одржи во Саудиска Арабија ќе се сретнат Арсланбек Махмудов против Ентони Рајт џуниор, Фабио Вардли против Дејвид Аделеје како и мечот меѓу Џозеф Паркер и Сајмон Кин.
Спектаклот ќе започне во 19 часот, а борбата меѓу Фјури и Нгану би требало да започне околу 23.30 часот.