Мечот од 29-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија, помеѓу екипите на Гостивар и Работнички беше прекинат во 85-тата минута, откако клубот од Дебар маало постигнал гол за водство од 1-2, а домашниот состав го напушти теренот, наводно поради незадоволство од делењето на фудбалската правда.
Откако од Фудбалската федерација на Македонија известија дека судиите не направиле апсолутно никаква грешка на мечот, со соопштение се огласија и од Работнички, во кое се вели дека како клуб секогаш се залагаат за спортски фер-плеј и почит кон сите фудбалски субјекти.
Во продолжение комплетното соопштение на ФК Работнички:
„Фудбалскиот клуб Работнички жали што вчерашниот натпревар од 29.коло во Првата лига беше прекинат и фудбалерите на ФК Гостивар го напуштија теренот. Ние секогаш ќе се залагаме за спортски фер-плеј и за фудбалско витештво, без разлика колкаво е значењето на натпреварот, со максимална почит кон сите субјекти (противници, судии, претставници на ФФМ, навивачи). ФК Работнички секогаш максимално ќе се залага фудбалот да биде на прво место и бодовите да се освојуваат токму на теренот.“ – се вели во соопштението на „романтичарите“.