ФК Вардар: Спортскиот директор и стручниот штаб си поднесоа оставки, екипата во Охрид ќе ја водат Хаџиевски и Бабунски

Како бомба синоќа одекна информацијата дека спортскиот директор Александар Бајевски и тренерот Бобан Грнчаров не се повеќе дел од Вардар. Јавноста остана збунета, бидејќи овој двоец го предвоедеше клубот во најтешките моменти и успеа после две сезони да го врати во прволигашката конкуренција.

Од ФК Вардар денес преку соопштение ја информираа јавноста за последните случувања, но без да се наведат причините зошто спортскиот директор и комплетниот стручен штаб си заминал од клубот на само ден пред првенствиот натпревар против Воска во Охрид. Екипата на гостувањето крај Охридското езеро од клупата ќе ја водат Ѓоко Хаџиевски и Бобан Бабунски.

Во продолжение комплетното соопштение на ФК Вардар.

– “Ја известуваме целокупната јавност дека тренерот на екипата Бобан Грнчаров, спортскиот директор Александар Бајевски, заедно со членовите на стручниот штаб Орхан Абди, Игор Тасевски и Стево Митревски поднесоа оставки на функциите и повеќе не се дел од ФК Вардар.

Би сакале во името на клубот, да се заблагодариме за професионализмот, енергијата и трудот кои во текот на двете години ги вложивте во клубот и затоа што покажавте колку е важно да се биде онаму каде што се брани “црвено-црното.”
Екипата денес, по планот заминува во карантин, каде што под водство на Вардаровата легенда Ѓоко Хаџиевски и координаторот на младинската школа Бобан Бабунски, ќе ги одработи последните подготовки пред натпреварот против Воска. Во името на клубот им се заблагодаруваме поради тоа што веднаш ја прифатија понудата и се ангажираа да го водат клубот на овој важен натпревар.
Јасно напоменуваме дека ова е само преодно решение. Клубот уште вчера започна преговори со потенцијалната замена на позицијата тренер и засега можеме да кажеме дека истите течат добро. Во најбрз можен временски рок, официјално ќе го соопштиме името на новиот тренер за кој сметаме дека достојно и чесно ќе ја води екипата во понатамошниот период.
Голем е Вардар, многу поголем од сите нас и затоа веруваме дека заедно со поддршката на нашите навивачи, ќе успееме пред се, да извојуваме победа во недела а потоа секако и да ја одржиме здравата и позитивна атмосфера во клубот.
Сите заедно – за клубот на народот!“
- Оглас -

Најнови вести